Властите алармираат дека состојбата со ковид 19 е критична. Во моментов здравствениот систем е под силен притисок се интервенира со ангажирање дополнителни одделенија, кадар според систем на ротација за да се одржи системот и секој пациент да биде прегледна и згрижен.Вчера беа регистрирани 1.259 нови случаи, а починаа 45 лица.
Во КОВИД центрите во болниците низ земјава вчера беше пријавено дека се лекуваат вкупно 1052 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
-Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, велат од МЗ.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 136.426, бројката на оздравени пациенти е 111.139, на починати е 4.022, а бројот на активни случаи изнесува 21.265.