Извештај на „Амнести“ за С. Македонија: Постои дискриминација врз ЛГБТ заедницата и Ромите, останува загриженост за неказнивоста

од Nikola Popovski
325 прегледи

Во новиот годишен извештај на Амнести интернешнл за 2020 година во делот за С. Македонија стои дека има ситуација на загриженост за неказнивоста, говорот на омраза, дискриминацијата врз жените, Ромите и припадниците на ЛГБТ-заедницата.

Во документот се нотира дека се’ уште опстојува дискриминација на база на етничка припадност, религија, пол и сексуална ориентација и таа била дополнително засилена во периодот на пандемија. Во делот на правата на ЛГБТ заедницата извештајот забележува дека има законска рамка, но и недоволна независност на комисијата за антидискриминација.

Се наведува дека по избувнувањето на ковид кризата, вонредната состојба која беше прогласена од средината на март, беше укината во средината на јуни за да се овозможи кампања за парламентарните избори во јули.

„Полицијата била селективна во спроведувањето на усогласеноста со полицискиот час и забраната за верски или јавни собири. Судовите едвај функционираа, постигнувајќи бавен напредок во гонење на лица обвинети за кршење на ограничувањата на Ковид-19“, велат од АИ.

За ситуацијата со Ромите документот вели дека оваа заедница била дискриминирана во пристапот до финансиски средства поврзани со ковид-19.

„Наместо поддршка од владата, семејствата од ранливите категории повремено добиваа хуманитарни пакети од невладини организации“, стои во извештајот.

Жените и натаму остануваат ранлива категорија  посебно на работното место за време на пандемијата.

„Одговорните не преземаа мерки за да им помогнат на вработените да се справат со последиците од пандемијата. Жените беа посебно погодени, а на некои им беше нелегално задржан дел од платата кога отсуствуваа од работа“, велат од АИ.

Глобалниот извештај на „Амнести Интернешнл“ опфати 149 држави.

 

Слични содржини