Собранието ја заврши расправата по неколку предлог-законски измени и дополнувања во рамки на 32-та седница, и тоа за законот за јавните набавки, по скратена постапка, за законот за чек, за давање на финансиски услуги на далечина, во прво читање, потоа Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, како и измените и дополнувањата на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во прво читање. Поради немање кворум во собраниската сала, гласањето по овие точки ќе биде дополнително закажано.
Целта на предложеното дополнување на Законот за јавните набавки е да овозможи пофлексибилен начин на исплата на аванс за јавните набавки кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии и епидимеии на заразни болести, согласно со воспоставената практика на производителите на потребни средства на глобално ниво.
Опозициските пратеници ја критикуваа власта за немањето вакцини против Ковид-19, но и за други постапки и трошења а се поврзани со јавните набавки.
Со предложената измена на Законот за јавни набавки вие предлагате измена во дел 5 од Законот за јавни набавки којшто се однесува на средствата за обезбедување на договорот за јавна набавка, рече Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека се суспендираат и два става од соодветниот член кој ќе овзможи исплата на аванс од 20 процети од вредноста на догворот и ослободување од обврска за обезбедување гаранција за авансно плаќање за постапките за јавни набавки кои се директно поврзани со мерките за пандемијата.
Тоа, според него, значи дека со намалување на средствата за обезбедување на договорот за јавна набавка при набавки кои се директно поврзани со мерките за спречување на епидемии и пандемии со заразни болести, дека власта создава услови за можна корупцијаи криминал при реализација на јавните набавки од овој вид.
Диме Велковски од СДСМ рече дека не може да ги разбере пратениците од опозицијата бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се согласи со ова законски решение, па дури и на Комисијата за финансирање и буџет предложи амандман што беше прифатен.
Пратениците од мнозинството реплицираа дека власта направила се за да ги набави вакцините, а донациите од Србија се солидарност која е потребна во вакви ситуации.
Собранието продолжи и со 8-та точка од 32-та седница, Предлог на закон за изменување на Законот за чек, во прво читање, потоа измените на Законот за давање на финансиски услуги на далечина, во прво читање. Се дебатираше и за Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, како и измените и дополнувањата на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во прво читање.Пратениците расправаа и за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, во прво читање.