Започна клиничко испитување на нова, поевтина вакцина против ковид

од Stefanija Kuzmanovska
319 прегледи

Клиничкото испитување на новата вакцина против ковид-19, чие производство би било поевтино, полесно и побрзо, започнува да се спроведува во Бразил, Мексико, Тајланд и Виетнам. Вакцината NDV-HXP-S е прва вакцина во клиничко испитување што користи нов молекуларен дизајн за кој се очекува да произведе посилни антитела од постојните вакцини.

Според американскиот дневен весник „Њујорк Тајмс“, тоа може да го промени начинот на кој светот се бори против пандемијата.

Вакцините од „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“ мораат да се прават во специјализирани фабрики со употреба на состојки кои тешко се добиваат. Спротивно на тоа, новата вакцина може да се произведува масовно во кокошкини јајца, како што секоја година се прават милијарди вакцини против грип во фабриките ширум светот.

Доколку се докаже дека вакцината е безбедна и ефикасна, производителите на вакцини против грип би можеле да направат повеќе од милијарда дози годишно, а посиромашните земји, на кои сега им е тешко да добијат вакцини против ковид од побогатите земји, можат сами да ги произведат или да ги набават по ниски цени.

Првата фаза од клиничкото испитување ќе заврши во јули, а конечната фаза ќе трае уште неколку месеци. Експериментите врз животни даваат надеж за успех на вакцината.

Слични содржини