Вечерва започнува месецот Рамазан

од Nikola Popovski
432 прегледи

Вечерва започнува светиот месец за муслиманите ширум светот, месецот Рамазан. Рамазан е деветти месец во исламскиот календар и тој е свет месец за муслиманите затоа што во него започна откривањето на Куранот, светата книга на муслиманите. За време на Рамазан, муслиманите ширум светот постат од сабах (зора) до ашам (почеток на вечерта). Освен од храна и пијалок, муслиманите постат и од лоши дела, се обидуваат да не лажат, да не озборуваат, да бидат соодветно облечени, да се чуваат од неморал и слични искушенија што ги принудува сатаната (ѓаволот).

Министерот за здравство Венко Филипче најави средба со верските лидери од кои ќе побара да апелираат до верниците за претстојниот Рамазан и Велиден да останат дома.

„Би сакал да ги повикам следната недела двајцата лидери, и на МПЦ и на ИВЗ и да ги замолам да упатат апел кон верниците да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби“, изјави Филипче во петокот во „Само интервју“

Министерот предупреди дека доколку се случи нов кластер во верски објекти, притисокот врз здравствените установи ќе биде толку голем што ќе се доводе во прашање дали ќе може да се изменаџира…

Поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху, во изјава за ТВ21 ги повика муслиманските верници да не бидат скептични и да се вакцинираат иако им претстои месецот на рамазански пости, бидејќи како што посочува со имунизацијата не се нарушува постот.

„Вакцината не е витаминска и не е хранлива, не продира преку грлото и желудникот, затоа без трошка сомнеж вакцината треба да се прими според барањата на надлежните институции и без трошка сомнеж дека вакцинацијата не го нарушува постот во деновите на месец Рамазан. Доколку евентуално во моментот на вакцинирање се случи некое мало влошување кое може да биде нормално, тогаш во консултација со специјалисти по медицина можете да го прекршите постот и нема никаква казна за тоа, само потоа се пости ден за ден.“, вели Фетаху.

Месецот Рамазан започнува вечерва и ќе трае до 13 мај, кога започнува еден од најголемите исламски празници, Рамазан Бајрам.

Слични содржини