Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека нема да се меша во изборот на кандидат на нејзиниот конзервативен блок на изборите во септември.
На прашањето на новинарите дали смета дека ривалството меѓу лидерот на Христијанско-демократската унија / ЦДУ / Армин Лашет и Христијанско-социјалната унија / ЦСУ / Маркус Зедер може да му наштети на конзервативниот блок и евентуалното губење на позицијата на канцелар на следните избори, таа сподели јасен став дека нема намера да се меша.
– Сакав така, сакам и ќе останам надвор од тоа – потенцираше Меркел.
Лидерите на ЦДУ и ЦСУ за време на викендот официјално ги објавија своите кандидатури за нов канцелар.
Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 26 септември, а потоа ќе се одлучи кој ќе ја наследи Меркел за канцелар, која најави дека нема да се кандидира за петти мандат.
Лашет и Зедер се гувернери на двете најнаселени провинции во Германија, Северна Рајна-Вестфалија и Баварија. Двајцата ја објавија својата кандидатура, но инсистираа дека многу брзо ќе најдат заедничко решение.
Германските медиуми наведуваат дека поддршката за Лашет во ЦДУ е одлучувачки фактор бидејќи таа е многу поголема партија од ЦСУ и води 15 од 16 германски покраини, додека ЦСУ е само на чело на Баварија.
Најновите резултати од анкетата покажуваат дека Зедер има поголема поддршка од Лашет, кој беше избран за лидер на ЦДУ во јануари.