Уставниот суд денеска повторно треба да одлучува по иницијатива поднесена на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.
Иницијативата е поднесена од оштетени штедачи на Еуростандард Банка и со неа се спори законската одредба која вели дека Фондот за осигурување на депозити има предност прв да ги наплати побарувањата од пропаднатата банка. Иницијаторите на претставката до Уставен сметаат дека тоа не е фер за тие што имале повеќе од 30 000 евра во пропаднатата банка и за фирмите.
Според домашните закони, Фондот наплатува прв затоа што потоа веднаш ги обесштетува сите штедни влогови до 30 000 евра. Според подносителите на иницијативата тоа не е во ред за тие што имале повеќе од 30 000 евра во пропаднатата банка и за фирмите.
Независно од правните толкувања, она што ќе остане по одлуката на уставните судии, каква и да биде таа, се последиците врз граѓаните. Односно, дали таа одлука некому ќе донесе правда или неправда.
Актуелното законско решение го објаснија од Министерството за финансии (МФ). Фондот е фомиран, велат од МФ, за граѓаните да имаат доверба во штедењето.
„Доколку со исплатата на депозитите од една банка се исцрпат средствата со кои располага ФОД, тој нема да биде во можност да ги обесштети граѓаните ако настане друг ризичен настан во друга банка или штедилница, со што се доведува во прашање сигурноста на целиот финансиски систем, како и социјалната сигурност на граѓаните. Поради ова, ФОД има предност во наплатата на побарувањата врз основа на исплатени штедни влогови, со оглед дека го штити јавниот интерес. Предноста во наплатата на побарувањата е во јавен интерес, бидејќи на тој начин се одржува стабилноста на банкарскиот систем и се обезбедува социјална сигурност на граѓаните“, велат од МФ.
Пред неполни два месеци, уставните судии не поведоа постапка по иницијатива поднесен за истата одредба од Законот за банки.