Бројот на новозаразени со ковид 19 во земјава полека се намалува, но сепак бројот на починати се уште е двоцифрен.
Состојбата со вирусот се смирува, епидемиолошката крива спласнува, а тоа го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, веќе повеќе денови по ред се намалуваат, велат надлежните апелирајќи на максимална внимателност и во периодот кој ни претстои.
Мерките даваат ефекти и треба да продолжиме да ги почитуваме, рече премиерот Зоран Заев кој додаде дека е реално да ги пречекаме празниците во семејна атмосфера со помалку болни граѓани, помалку загубени човечки животи.
-Пред две и пол недели кога донесовме одлука да ги затвориме угостителските објекти и полицискиот час да биде од 20 часот бројките на новозаболени беа 1520, 1480. Веќе после една недела паднаа на 1200, 1100, сега се 800, 750, 640, значи даваат ефект мерките, секако недоволен. Треба да продолжиме да ги почитуваме мерките, рече Заев.
Надлежните очекуваат да се смени динамиката во однос на вакцинирање во Скопје и во другите градови со пристигнување на големата количина на вакцини од Кина до крајот на месецов, како и дополнителните капацитети, односно спортските сали кои веќе се подготвуваат во шест градови во државата каде е најавено да се спроведе масовна имунизација.
Кинеската вакцини се очекува да пристигнат на 28 април, поточно станува збор за 200.000 дози. За процесот на вакцинација се подготвуваат спортските сали во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола каде ќе се работи на ист принцип како во салата A1 Aрена.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 149.221, бројката на оздравени пациенти е 126.234, на починати е 4.595, а бројот на активни случаи изнесува 18.392.