Грција останува затворена за државјани од трети земји

од Nikola Popovski
326 прегледи

Грчката Влада ја продолжи за уште една недела, односно до 3 мај 2021 година, забраната за влез на државјани на трети земји.

Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и на уште 11 други трети земји, кои задолжително треба да имаат или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.

Со воведените промени од минатата седмица, што се продолжени и сега за влез преку Бугарија, освен Промахонас (Кулата), отворен е и преминот Нимфеас (Маказа), преку кој посетителите, за кои е дозволен влез, можат да пристигнат во Грција.

За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

За граничниот премин Евзoни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.

Слични содржини