Митревски: За првпат во историјата ВМРО-ДПМНЕ ги повлече интерпелациите, бегаат од вистината

од Nikola Popovski
334 прегледи

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, денес изјави дека за првпат во историјата се случило повлекување на интерпелации кои ВМРО-ДПМНЕ самите ги поднеле, а тоа се интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски.

„Денес наводно го пропуштиле рокот. Јас искрено не верувам бидејќи таму има пратеници кои се долго време во Собрание и се искусни и не верувам дека пропуштиле рок за поднесување на листа за говорници. Очигледно е дека денес сакаат да избегаат од фактите и од судирот со вистината за тоа што се случува и со лажните пасоши, двојните матични броеви, возачките дозволи и со сето она што го искажуваат во јавноста како наводни афери. Лесно е да се држат прес-конференции и да се шират лажни вести и невистини. Кога ќе дојде време да се соочат аргументите ние како парламентарно мнозинство сме тука, но очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ знае само да бега и да не работи ништо што е во интерес на граѓаните“, објасни Митревски на прес-конференција, додавајќи:

„Јас уште еднаш жалам што оваа можност како точка на дневен ред, интерпелација која дава можност за целодневна расправа за да се соочат аргументи и факти, сепак ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја напушти пленарната сала“.

Тој  изјави дека интерпелацијата поднесена од Алијанса на Албанците и Алтернатива е беспредметна со оглед на тоа што во неа се поставува едно прашање во однос на носењето на одлуката за гласање.

„Таму пишува дека сега сите пратениците имаат можност да докажат дали се за апсење на Мијалков или го поддржуваат неговото бегство. Со оглед на тоа што Мијалков е уапсен и осуден, оваа интерпелација станува беспредметна“, оцени Митрески.

Слични содржини