Во Британија откриени се два случаи на пренесување на коронавирус од луѓе на мачки, а истражувачите од Универзитетот во Глазгов тврдат дека и двете мачки, од различна раса и од различни домаќинства, почнале да се чувствуваат лошо откако нивните сопственици се заразиле со коронавирусот.
Студијата, чии резултати беа објавени во списанието „Ветеринари рекорд“, по програмата за тестирање на популацијата на мачки, сугерира дека нема докази дека имало обратен пренос, од мачки или кучиња на луѓе.
Се додава дека домашните животни не играат значајна улога во епидемиологијата на човечки инфекции.
Сепак, научниците истакнуваат дека тие потенцијално можат да бидат еден вид „резервоар за вируси“ и затоа е важно да се продолжи со истражување дали миленичињата можат да бидат фактор за ширење на инфекцијата на луѓето.
„Пренесувањето на вирусот од животни на луѓе во моментов претставува релативно низок ризик за јавното здравје“, вели водечката авторка на студијата Маргарет Хози, професор по компаративна вирусологија на Универзитетот во Глазгов.
„Но, со намалувањето на бројот на случаи на инфекција меѓу луѓето, можноста за пренесување кај животните ќе стане поважна како потенцијален извор на враќање на вирусот меѓу луѓето“, објасни таа.
„Затоа е од клучно значење да го подобриме нашето разбирање за тоа дали изложените животни можат да играат каква било улога во пренесувањето“, истакна таа.
Инфекцијата најпрво била откриена кај четиримесечно маче од расата „Рагдол“, кое развило респираторни симптоми откако неговите сопственици се заразиле со коронавирус. Ветеринарите не беа во можност да го спасат, а обдукцијата покажа дека станува збор за вирусна пневмонија и докажана инфекција со коронавирус.
Друг пример се однесувал на шестгодишна сијамска мачка, на која инфекцијата и ја пренеле сопствениците. Нејзините симптоми беа поблаги и успешно се опорави.
Научниците веруваат дека реалниот број на преноси од коронавирус од човек на животно е всушност многу поголем бидејќи не е спроведено доволно тестирање.
Не е познато дали мачките заразени со коронавирус можат да го пренесат вирусот на други животни. Од почетокот на пандемијата, има извештаи за заразени мачки во Хонг Конг, Белгија, САД, Франција и Шпанија. Се претпоставува дека во сите случаи, мачките биле заразени од нивните сопственици.
„Ова е висококвалитетна студија бидејќи вклучува секвенционирање на геном чија цел е да се потврди начинот на пренесување на вирусот“, коментира професорот Џејмс Вуд, раководител на ветеринарниот оддел на Кембриџ, кој не учествувал во студијата.