Оливер Бургел, претседател на компанијата „Гересхајмер“, која ја стартува работата со медицинска и фамацевтска амбалажа во Северна Македонија, вели дека досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени.
„Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Во првата фаза од работењето, освен специјализираните навртки во план се и производство на катетри, но и уште неколку други т.н. аксесори за вакцините. За наредната фаза, која треба да донесе дополнителни вработувања, се предвидува готов производ. Целосни стаклени шприцеви со игли подготвени за полнење. Практично ќе се произведува амбалажа за вакцините кои, во екот на пандемијата на коронавирусот, станаа најбарана стока во светот“, изјави тој во интервју за „Дојче Веле“.
Колку е значајна инвестицијата на „Гересхајмер“ зборува фактот дека фабриката во зоната кај Скопје е прва во регионот на Југоисточна Европа. Најблиската фабрика на оваа германска компанија се наоѓа во Чешка. На глобално ниво, освен во Европа, Гересхајмер има производствени погони во Северна и Јужна Америка, но и во Азија. Во моментов компанијата вработува околу 10.000 луѓе, а годишните приходи се на ниво од приближно 1,4 милијарди евра.