Финалето во Лигата на шампионите во Истанбул и покрај новата блокада во Турција

од Vladimir Zorba
284 прегледи

УЕФА во петокот потврди дека финалето во Лигата на шампионите ќе се игра во Истанбул на 29-ти мај и покрај пандемијата Ковид-19 во Турција, што предизвика трет „локдаун“, кој е во сила од четвртокот.

Според француски „РМЦ Спорт“, како и британскиот „Дејли меил“, УЕФА дури размислувала да го префрли финалето на друго место од здравствени причини.

„Финалето ќе се игра во Истанбул на 29 мај, но со ограничен број на гледачи. Уверени сме дека затворањето во Турција е привремено, до 17 мај и дека тоа нема да влијае на натпреварот“, објави УЕФА.

„УЕФА ќе продолжи да работи со Турската фудбалска федерација, локалните и националните власти за организирање на натпреварот во безбедни услови“, додаде Европската фудбалска федерација, истакнувајќи дека информациите за капацитетот на стадионот ќе бидат објавени подоцна.

Со најголем број на заразени лица во Европа, Турција влезе во нова блокада во четвртокот вечерта со затворање на сите бизниси кои не се неопходни за живот и со ограничување на движењето меѓу регионите.

Финалето во Лигата на шампионите, кое требаше да се игра на стадионот „Ататурк“, требаше да се одржи минатата година во Истанбул, но поради пандемијата, УЕФА ги смени плановите и организираше „Ф8“ во Лисабон во август.

Во финалето ќе се сретнат победниците од дуелите Реал Мадрид – Челси (1-1) и ПСЖ – Манчестер Сити (1-2).

Слични содржини