Очигледно, идната пруга од Белград до С. Македонија нема да вклучува изградба на целосно нова траса до Велика Плана, како што било претходно планирано, туку колосеците преку Младеновац ќе бидат двојно зголемени, јавуваат српските медиуми.
– Техничката студија предвидува употреба на постојната железничка рута и најголемиот број станици ќе останат на постојните локации – било потврдено од српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура, истакнувајќи дека пругите низ Младеновац ќе бидат двојно зголемени.
Неодамна беше објавено дека изградбата на оваа пруга е поддржана од Европската унија со 700 милиони евра, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека „Србија ја прифатила варијантата 4“.
– Варијантата 4 предвидува реализација на брзина на возот до 200 км на час на линијата од Белград до Ниш, со исклучок на делови од пругата за која се проценува дека зголемувањето на проектната брзина би довело до значително зголемување на инвестициите главно поради локалните ограничувања (зона на железничките станици во градовите), а најголемиот број станици би останале на постојните локации – се посочува.
Пред 2 години беше потпишан Меморандум со кинеската компанија „CRBC“, кој предвидува подобрување на капацитетите на делницата на пругата Белград-Ниш-Прешево-државната граница на С. Македонија.
– Меморандумот за разбирање за проектите за реконструкција на делницата од Коридорот 10 ја дефинираше потребата за анализа на техничко и комерцијално ниво. Проценетата вредност на инвестицијата за делницата Белград-Ниш е околу 2,2 милијарди долари, а за делот Ниш-Прешево-државната граница со С. Македонија е околу 2,1 милијарди долари – наведува ресорното министерство.
Како што беше речено во јули 2019 година од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, „CRBC“ исто така беше ангажиран во подготовката на проценката на трошоците за изградба на новата железничка пруга Ресник-Клење-Мали Пожаревац-Мала Крсна-Велика Плана.