Дали Албанија сама ќе го продолжи патот кон ЕУ, доколку С. Македонија не се договори со Бугарија?

од Nikola Popovski
206 прегледи

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји вчера повтори дека Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија.

„Доколку повторно ни се случат потешкотии со С. Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на С. Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И треба да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји за „Еуроњуз“.

За тоа дали формалното „раздвојување“ е опција, тој одговори: „Да, тоа би можело да биде опција“.

Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.

На средбата, одржана претходно со премиерот Зоран Заев во Владата, како што информираа од владината прес-служба, станало збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласил дека Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изразил очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакнал посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и, како што се посочува, ги издвоил резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата.

Слични содржини