Грција подготвена за туристи: Утре ги отвора плажите, а следната недела и музеите ќе примаат посетители

од Stefanija Kuzmanovska
297 прегледи

Музеите во Грција повторно ќе бидат отворени за посетители од следната недела, што е ден пред официјалниот почеток на туристичката сезона на 15 мај, соопштија денеска властите.

Места како Музејот Акропол се затворени од средината на ноември, кога беше воведена втората блокада за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Очигледно е дека епидемиолошката слика на земјата покажува постојано подобрување“, рече заменик министерот за цивилна заштита, Никос Хардалиас, пренесува „Ројтерс“.

Тој додаде дека властите забележале намалување на епидемиолошкиот товар, бидејќи бројот на инфекции се намалува, а бројот на вакцинации се зголемува, а тоа е случај во 61 регион, вклучително и Атина и Солун.

Премиерот Кирјакос Мицотакис неделава рече дека комбинацијата на широко распространето тестирање, имунизацијата и фактот дека многу активности ќе се одвиваат на отворено им дадоа на властите уверување дека туристите ќе можат безбедно да ја посетат Грција.

Туризмот претставува околу една петтина од грчката економија и пазарот на трудот, а по најлошата година за овој сектор, земјата не може да си дозволи уште едно изгубено лето.

Владата започна да ги ублажува ограничувањата кон крајот на минатиот месец по одредено намалување на случаи на ковид 19.

Баровите и рестораните повторно се отворија претходно оваа недела, додека уредените плажи ќе бидат отворени утре.

Кината на отворено ќе започнат со работа на 21 мај, а претставите на отворено ќе започнат на 28 мај. Основните училишта се отворени на 10 мај, а градинките на 17 мај.

Земјата со 11 милиони жители пријавила вкупно 358.116 инфекции и 10.910 смртни случаи. Денес, таа пријавила 2.691 нов случај на инфекција и 63 смртни случаи.

Слични содржини