Премиерот Зоран Заев вчера во Брисел ја имаше првата од многуте закажани средби – со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за преговорите меѓу Србија и Косово и за целиот Западен Балкан. Лајчак потоа на Твитер соопшти: „Денеска, на Денот на Европа се сретнав со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, и шефот на дипломатијата Бујар Османи да разговараме како да се отворат преговорите за пристапување“.
Во исто време и Заев се огласи на Твитер велејќи: „Северна Македонија го одработи својот дел од обврските. Време е ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши крдибилитетот на ЕУ пред целиот Западен Балкан“.
И лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во Прилеп испрати порка побара датум за старт на преговорите.
„На Денот на Европа бараме Европа да го испорача тоа што го вети. Тоа е: датум и преговори веднаш и сега, без дополнителни услови, без дополнителни барања од овој мал народ во срцето на Балканот, кој има чесни луѓе и заслужува да го почне патот кон полноправно членство во Европската унија… Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни. Тоа е едногласна порака од која нема да отстапиме. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ не се подготвени да отстапат ниту една национална концесија“.
Заев денеска во седиштето на ЕУ во Брисел ќе се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и со еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.