Тензиите од Блискиот исток се прелеаа на Стариот континент. Две синагоги беа нападнати во Германија, додека протестите против Израел станаа насилни во Лондон.
Во Бон синоќа неколку млади луѓе фрлаа камења кон синагога. Полицијата на лице место открила и три листа со арапски натписи, а на тротоарот пронашле израелско знаме кое било запалено. Тројца мажи на возраст од 20 и 24 години беа привремено лишени од слобода.
Во Минстер полицијата спроведува истрага по палењето на израелското знаме. Група од околу 15 лица го запалија израелското знаме пред синагогата во овој германски град.
Сведоците на овој чин повикале полиција, која уапсила 13 лица против кои ќе бидат покренати обвиненија.
Од другата страна на Ла Манш, во Лондон се одржаа масовни протести за поддршка на Палестина.
Massive protest in London in support of Palestine #PalestinianLivesMatter #GazaUnderAttack pic.twitter.com/xtGTMYoRCk
— Ihtisham Ul Haq (@iihtishamm) May 11, 2021
Активисти кои мавтаа со знамиња, транспаренти и постери во вторникот излегоа на улиците на англиската престолнина за да повикаат на крај на конфликтот. Во еден момент дошло до жесток судир меѓу демонстрантите и полицијата.
Британските медиуми јавуваат дека конфликтот се случил кога полицијата се обидела да растера мала група про-израелски демонстранти од собирот.
Поранешниот лидер на лабуристите Џереми Корбин беше на протестот и им се обрати на илјадници демонстранти со извици „Рацете подалеку од Ерусалим!“.