Пратениците по втор пат ќе треба да се изјаснат за законот за легализација на дивоградби.
Претседателот Стево Пендаровски на парламентот му пиша дека законот се коси со Уставни одредби, решението повторно во Собранието.
-Повторно ќе дискутираме во Парламентот, зашто ако со Законот застанеме тука, службите треба веднаш да тргнат и да ги рушат преку 50-те илјади домови на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев.
Со Законот, како и до сега, нема да се легализира секој бесправно изграден објект. Законот за легализација, нагласи премиерот, дава можност за остварување право на сочувување на домот пред се на граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата.
-Законот досега е јасен. Ако одреден објект не е легализиран по законите, а законите завршија за легализација, тие треба да се отстранат, односно ако инспекторот не постапи кривично одговара, т.е. доколку градоначалникот не постапи, кривично одговара, односно соодветно републичкот инспектор и самиот министер за транспорт и врски. Ова е суштината на дебатата што се водеше и верувам дека Парламентот ќе ја продискутира. Дополнително, може да ги зајакнат оние укажувања што претседателот на државата ги изнесе за добивање решение за легализација на објекти во заштитени подрачја зашто дефинитивно и прогласувањето на националните планови, односно плановите под заштита определуваат строго заштитено подрачје, развојно подрачје и сите други категориизации. Но, може Парламентот, а можеме и ние како Влада дополнително да ги зајакнеме критериумите затоа што законите и сега кажуваат во кои начини и во каква постапка некој може да легализира, истакна Заев.
Ако СДСМ и ВМРО ДПМНЕ пак го стават на гласање истиот закон што не го потпиша претседателот Стево Пендаровски, петте пратеници од помалите партии ќе го блокираат со амандмани.
Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, вели дека законот за легализирање на дивоградбите очигледно е договор мегу двете најголеми партии произлезен од тет а тет средбата Заев – Мицкиоски
– Ние не сме против одредена категорија на дивоградби и граѓани да добијат шанса за легализација, но нема да дозволиме легализирање на хациенди и базени во заштитени подрачја. Нема да дозволиме амнестија на криминалите на претходните власти и продолжување на институционалниот криминал кој периодично завршува со нова амнестија во парлементот и никој за ништо да не одговара за упад во правниот систен, дерогирање на законот за кривична постапка и наградување на богатите и урбаната мафија. Ние како коалициони партнери во власта не сме информирани од Заев што договорил со Мицкоски, но таквите дилови на водачи на племенски заедници мене како пратеник не ме интересираат – изјави Трајанов во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.