Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу вели дека во неговота општина има има 8.000 дивоградби, односно толку барања се архивирани во општината за легализација.
Според него доколку помине законот за легализација на бесправно изградените објекти, во тој случај таа бројка во Чаир ќе се зголеми, односно во Општината ќе добијат нови барања за легализација.
„Има над 8 илјади апликации. Над 65% ги имаме решено како предмети. Сега со новиот закон доколку се усвои, сигурно ќе очекуваме нови апликации. Не можеме да прејудицираме колкав ќе биде бројот. Што се однесува до дивоградбите од различен тип, евидентирани се 41 и ние започнавме постапка за тие објекти“, истакнува Висар Ганиу за ТВ21.
Ако Собранието по вторпат го усвои законот за легализација на дивоградби, со потребното мнозинство од 61 пратеник, претседателот Стево Пендаровски најавува дека ќе го потпише. Тој вели дека тогаш ќе мора да го потпише указот за стапување во сила на законот за постапување по бесправно изградени објекти, бидејќи со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.
– Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т. н. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, истиот ден ќе го потпишам, иако имам серија забелешки – вели претседателот.