Каков „нон-пејпер“ донесоа Вархеји и Силва?

од Nikola Popovski
416 прегледи

Бугарија нема да го смени ставот за почетокот на преговорите меѓу С. Македонија и ЕУ, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев по средбата со европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји. Во исто време, бугарските медиуми објавија „нон-пејпер“, кој веднаш беше оценет како неприфатлив за властите во Софија, иако премиерот Заев е задоволен од содржината на предлогот.

Посетата на комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархелји, во Софија се чини не резултираше со промена во процесот на решавање на отворени прашања, кои со месеци го блокираат почетокот на преговорите на С. Македонија со Европската унија.

„Бугарија е отворена за активен, сеопфатен и отворен дијалог со С. Македонија, но не може да се очекува промена во националниот став на Бугарија кон Северна Македонија“, рекол шефот на дипломатијата во техничката влада на Бугарија.

Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва, чија земја претседава со Европската унија, се состанаа со бугарските власти во обид да започнат долготрајните преговори меѓу Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Стоев, пак, истакна дека Бугарија очекува Скопје целосно да го почитува Договорот за соседство од 2017 година, кој властите на Северна Македонија го сметаат за единствен предуслов за започнување преговори со ЕУ.

Во исто време, бугарскиот министер рече дека е подготвен да разговара со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, но во рамките на надлежностите на техничката влада.

Истовремено со посетата на европски претставници, бугарските медиуми објавија „нон-пејпер“ за решавање на проблемот поврзан со почетокот на преговорите со Скопје, чие авторство ѝ се припишува на Португалија.

Премиерот Зоран Заев, само еден ден откако одговори на замерките на Бугарија, го поздрави предлогот што Вархеји и Сантос го донесоа во Скопје, наведувајќи дека тоа е добра основа за решавање на проблемот.

„За нас е многу важно предлогот да не се меша во прашањата за македонскиот идентитет, што го исполнува нашето клучно барање. Силно веруваме дека предлогот е добра основа за клучните барања на Бугарија“, рече Заев по средбата со европските официјални лица.

Бугарската агенција БГНЕС го оцени документот како „неприфатлив“, наведувајќи дека актот ја ослободува Северна Македонија од одговорноста за спроведување на можни идни договори.

Агенцијата навела дека овој предлог ќе биде презентиран пред бугарските власти, со очекување дека тој веднаш ќе биде отфрлен, бидејќи не се споменува „потеклото на македонскиот јазик“.

Исто така, се наведува дека најголемиот дел од овој документ се состои од претходно отфрлени предлози презентирани на Софија од германски дипломати.

Слични содржини