Владеачката СДСМ информираше дека по цела година, за првпат во месец март оваа година, во споредба со истиот месец лани, бележиме сериозна стапка на раст на индустриското производство од 7,6%.
„Исто така, раст од над 27,1 отсто има и индексот на прометот во индустријата.
Раст од 15,8 отсто бележи и надворешната трговска размена во првиот квартал од 2021 година, а извозот во истиот период е зголемен за 18,1 отсто.
Континуирано растат и платите. Просечната месечна нето – плата во март 2021 година изнесувала 28.217,00 денари, што е за 6,8% повисока од истиот месец во 2020 година“, соопштија од СДСМ.
Според нив, економските мерки и политики кои ги реализираше Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев дадоа резултат.
„Последиците од коронакризата се надминуваат и во оваа 2021 година предвидено е македонската економија да се врати на стабилни стапки на раст согласно економските показатели и очекувања. Сочувавме повеќе од 100.000 работни места. По разни дополнителни основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Во домаќинствата и во компаниите директно се вбризгани над 65 милијарди денари“, велат од партијата.