Османи од Полска: Добивме уште една силна поддршка од искрени пријатели во ЕУ

од Nikola Popovski
221 прегледи

„Уште една силна поддршка од искрени пријатели во Европската унија. Полска ќе продолжи активно да се залага, во рамките на советите на ЕУ за имплементација на мартовската одлука од минатата година, усогласување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција“, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работна посета на Република Полска се сретна со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Збигњев Рау.

На разговорот, во преден план беа актуелните теми поврзани со евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и притоа Османи ја истакна благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што Полска ни ја дава во процес на проширувањето на ЕУ. Беше истакнато дека остануваме посветени на доследна имплементација на реформската агенда, како и на активностите за унапредување на добрососедските односи, со посебен фокус врз Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на постоечките разлики, информираат од кабинетот на Османи.

„Продолжуваме да работиме со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мулти-секторска соработка и надминување на постоечките разлики со нашите пријатели од Бугарија. Искажувам благодарност за традиционалниот повеќедецениски пристап и поддршка од Република Полска, како и на целата В4 група, која во континуитет даваше безусловна поткрепа на нашиот евроинтегративен пат. Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно“, истакна Османи.

Министерот Рау ја реафирмираше цврстата поддршка на неговата земја за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни оваа година.