Американската компанија Модерна денес објави дека нејзината вакцина против коронавирус е „многу ефикасна“ кај тинејџери на возраст од 12 до 17 години.
Како што е наведено, ова го покажале резултатите од целосните клинички испитувања. Модерна најавува дека на почетокот на јуни ќе поднесе барање за одобрување на вакцината за оваа возрасна група до „регулаторните тела ширум светот“.
Вакцината Фајзер веќе е одобрена за тинејџери во неколку земји, вклучувајќи ги и САД.
„Ние сме охрабрени затоа што (вакцината) се покажа како многу ефикасна во спречувањето на ковид-19 кај адолесцентите. Овие резултати ќе ги доставиме до ФДА и регулаторите ширум светот на почетокот на јуни и ќе побараме одобрување “, рече директорот на Модерна, Стефан Бензел.
Во студијата учествувале повеќе од 3.700 млади луѓе на возраст од 12 до 17 години во САД, од кои две третини примиле вакцина, а една третина плацебо.
„По две дози, не беше забележан случај на ковид-19 во вакцинираната група… во споредба со четири случаи во плацебо групата, а вакцината е 100 процентна ефективна 14 дена по втората доза“, додава Модерна.
По една доза, вакцината е ефикасна 93 проценти, прецизира компанијата.
Вакцината е „генерално добро толерирана“ и „досега нема загриженост за нејзината безбедност“, додава Модерна.
Прочитајте повеќе за ковид-19 и последиците од пандемијата во земјата и светот на страницата Коронавирус.