Од 15 април се појавија четири нон-пејпери поврзани со Косово и Метохија. Неколку решенија се во игра – првото предвидува обединување на Косово со Албанија и припојување на Република Српска кон Србија, второто и четвртото предвидува автономија за северно Косово и привилегираниот статус на СПЦ, а третото Косово во рамките на Србија во следните 99 години.
Република Српска до Србија, Косово до Албанија
На 15 април словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави нон-пејпер зад кој, како и во сите други случаи, никој официјално не застана.
Овој документ со наслов „Западен Балкан – патот напред“, покрај промените на границите на Србија, предвидува и промени на границите во БиХ.
Имено, како решение за проблемите во овој регион се предлага обединување на Косово и Албанија, каде што српскиот дел на Косово би добил посебен статус по примерот на Јужен Тирол, потоа обединување на поголемиот дел од Република Српска со Србија, при што Србија би се согласил на обединување на Косово и Албанија, пренесе српска „Политика“.
Исто така се предлага хрватското национално прашање да се реши со спојување на мнозинството хрватски кантони во БиХ со Хрватска или давање посебен статус на хрватскиот дел на БиХ, исто така по примерот на Тирол.
Се шпекулира дека зад овој нон-пејпер стои еден од словенечките политичари, иако тоа не е официјално ставот на државата Словенија.

Автономен округ на северно Косово, привилегирана СПЦ
По словенечкиот портал, приштинска „Коха“ излезе со нов нон-пејпер на 27 април.
Документот, наводно, составен од Германија и Франција, предвидува дека Србија и Косово ќе ги почитуваат меѓусебниот суверенитет, интегритет и независност, дека ќе има Автономен округ на Северно Косово и дека Митровица ќе биде царинска зона. Исто така, се наведува дека Српската православна црква ќе биде призната, дека нејзиниот имот ќе биде неприкосновен и дека ќе ужива привилегиран статус во повеќе од 40 главни цркви.
Нон-пејперот предвидува договорот да биде постигнат до февруари 2022 година, а дотогаш ќе има мораториум за лобирање за и против признавањето на независноста на Косово.
Гувернер на Северот, почитување на суверенитетот
Последниот нон-пејпер беше објавен во неделата, и во голема мерка се совпаѓа со претходниот, а се шпекулира дека е исто така дел од француско-германската иницијатива. Со него, се предвидува формирање на автономен округ на северно Косово, кој, како што е наведено во овој нон-пејпер, ќе има „гувернер што ја претставува Владата на Косово, Собрание што го претставува народот и Извршен совет што ќе биде заедничко тело на автономниот округ, Владата на Косово, Владата на Србија и Европскиот парламент“.
За разлика од претходната, во текстот пренесен од „Коссев“, во овој нон-пејпер не се споменува почитување на независноста и интегритетот на другата страна, туку само на суверенитетот.

Косово во Србија уште 99 години
На 16 мај, германски „Куерст“ објави дека постои нон-пејпер што предвидува дека Косово ќе добие специјален статус во рамките на Србија за 99 години.
Документот предлага сите граѓани на Косово, а особено се споеменуваат 873.000 косовски Албанци, да добијат српско државјанство.
Исто така, се вели дека треба да се одржат заеднички избори во Косово и Србија во април следната година, на сите нивоа.
Во нон-пејперот се наведува дека избраниот гувернер на Косово треба да биде и заменик-претседател на Националното собрание на Србија.