Пендаровски и Радев ќе се сретнат со папата Франциск

од Nikola Popovski
250 прегледи

За време на нивната заедничка посета на Рим, претседателите на Бугарија Румен Радев и на Македонија Стево Пендаровски ќе го чествуваат делото на светите браќа Кирил и Методиј во обележјата во италијанската престолнина.

Предвидена е и посета на папата, односно аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе” ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

Во попладневните часови, претседателот Пендаровски, заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре”, каде заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

Двајцата претседатели вчера имаа куса средба на скопскиот аеродром, од која, како што посочи Пендаровски во изјавата по неа, немало конкретен исход, туку била воведен разговор за престојните активности, но и за случувањата на релација Скопје-Софија изминатите денови.

Ретроспектива на она што се случувало изминатите два-три дена во Брисел направиле двајцата претседатели на средбата, но како што напомена Пендаровски оперативно разговорите за спорот ги водат владите на двете земји.

-Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата, рече Пендаровски.

Слични содржини