СОНК се закани со штрајк доколку не се исплатат додатоци за наставниците кои работеле прекувремено во пандемијата

од Nikola Popovski
286 прегледи

Денес на прес-конференција од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) соопштија дека наставниците во некои основни училишта ќе излезат на штрајк, ако до 1 јуни дел од наставниот кадар не ги добијат средствата коишто им се должат по основ на прекувремена работа.

„Едно училиште во Куманово има донесено одлука за штрајк, веројатно денес и утре и други училишта во општината ќе донесат таква одлука, односно ќе постапат согласно нашите предлози. Вкупно се околу 50-тина училишта на национално ниво. Се паѓа во вода доколку оние кои макотрпно работеле, останат со кратки ракави“, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделковски тврдејќи дека поголем број општини низ земјава не исплатиле плус пари на наставниците, а кои им следуваат.

Според него, за време на пандемијата наставниците работеле повеќе односно бројот на часови за настава им бил зголемен бидејќи децата биле поделени во две групи и дека власта и институциите не го препознале зголемениот обем на работа на наставниците и не исплатиле додатоци.

„Испраќам апел до Министерството за образование да најдат што побрзо решение, во спротивно учебната година во голем дел од училиштата нема да заврши“, додава Неделковски.

Слични содржини