Виетнам ќе ги тестира сите 13 милиони жители на најголемиот град во земјата, градот Хо Ши Мин, поради појавата на нов вид на коронавирусот, и ќе воведе нови мерки на социјално дистанцирање.
Виетнам досега беше релативно успешен во контролата на вирусот, но бројот на нови случаи се зголеми во последните неколку недели.
Официјални лица викендов предупредија на нова многу опасна хибридна варијанта на вирусот откриена во земјата.
Владата соопшти дека новата варијанта ги комбинира одликите на варијантите кои за првпат беа откриени во Индија и Британија и лесно се пренесуваат преку воздух.
Досега се регистрирани повеќе од 7.000 заразени во Виетнам, додека 47 лица починале од последиците на инфекцијата, но последниот број на новоинфицирани лица сочинува повеќе од половина од вкупниот број на заразени лица.
Најновото жариште во градот Хо Ши Мин е околу христијанската мисија, која имаше најмалку 125 позитивни случаи. Најголем број на градски инфекции се регистрирани во таа област.
Оние што живеат во близина на мисијата се веќе тестирани и тие се во изолација.
Официјалните лица сега планираат да ги тестираат преостанатите 13 милиони жители на градот Хо Ши Мин.
Со стапка на тестирање од 100.000 на ден, на властите ќе им требаат повеќе од четири месеци да ја завршат оваа работа, наведе Би-Би-Си.