Македонскиот возач Ристо Вуков – Рико влегува во својата втора сезона од настапи во Порше Карера Куп Италија, при што првиот гран при викенд се вози на патеката Мизано крај Римини.
Ова е јубилејна 15. сезона на оваа тркачка серија која им овозможува на возачите да стекнат сериозно искуство со вистински спортски автомобил кој има заден погон и мотор со зафатнина од 4 литри, кој продуцира околу 485 коњски сили.
Предвидени се 12 трки, односно шест гран при викенди со по две трки, а Вуков останува во тимот „GDL Racing“ на поранешниот италијански пилот на Формула 3, Џанлука ди Лоренци.
– Се чувствувам полн со енергија, едвај чекам сезоната да започне. Оваа зима ја минав во најсериозни подготовки досега во мојата кариера, нема да излажам ако речам дека се што тренирав оваа зима е најмалку три пати повеќе од досегашните тренинзи во меѓусезоната. Возев и приватни тренинзи во Италија, возев и картинг, работев и на мојата психофизичка кондиција. Едноставно, лани поради пандемијата со Ковид-19 бевме сконцентрирани на многу различни проблеми кои ни одземаа енергија и концентрација, се прашувавме дали ќе минеме граница, останувавме по три седмици во хотел меѓу две трки и решававме разни проблеми кои постојано изникнуваа. Овој пат знаевме што треба да правиме и тоа го правевме, што ми дава особена самодоверба. Возилото не е сменето од лани, но јас се чувствувам многу покомотно, едноставно „го имам во раце“ и сигурен сум дека можам подобро од лани.
Иако и минатата година речиси постојано беше во „топ 10“, Вуков вели дека целта останува континуирано да биде во врвот и да ја чека својата шанса за подиум.
– Речиси во секоја изјава потенцирам дека во ова натпреварување имаме 29-30 возачи кои имаат на располагање идентичен автомобил, па пресудуваат нијанси. Тестирањата се најдобриот тренинг, но за жал и најмалку достапни, а секоја патеки има свои тајни, свои „фори“, што добрите возачи ги имаат истренирано до совршенство. На вчерашните неофицијални тренинзи возев само претпладнето, а попладневните сесии морав да ги испуштам поради дефект. Она што ќе биде пресудно овој викенд е дека ќе возиме во различни делови од денот, па возилото нема да се однесува исто. Имаме официјален тренинг во петок навечер, па квалификации во сабота претпладне, а трка повторно во ноќни услови! Со други зборови, ќе биде потребна максимална концентрација, како од моја страна, така и од инженерите кои ќе го штелуваат возилото за тие променливи услови: утрото кога од една страна асфалтот ќе подига температура, и вечерта кога постепено ќе се лади. Мизано е патека што нема некој особен проблематичен сектор, најголем проблем ќе биде видливоста и задржувањето на перфекцијата на сите полиња во опишаните услови.