ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски денеска повторно го покажа своето антизападно и антидржавно лице.Се редат изјави на функционери од ВМРО-ДПМНЕ дека и понатаму оваа партија е против Договорот од Преспа, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е против државните интереси, против членството во НАТО и ЕУ, против нашите стратешки партнери.
„За Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се важни ниту односите со нашиот стратешки партнер и докажан пријател САД. Стануваат изолирани и неважни. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, им врти грб на граѓаните, на нашиот најважен стратешки сојузник, САД. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ е на страна на државата, на страна на напредокот, на страна на граѓаните. СДСМ ја поздравува последната одлука на претседателот на САД, Џо Бајден“, вели пратеникот.
Според владејачката партија, со оваа одлука се проширува опфатот на санкциите и врз оние лица или ентитети што ги загрозуваат Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.
„Рамковниот договор и Договорот од Преспа се дел од нашите државни и национални интереси и тие се поклопуваат со интересите на нашите пријатели и стратешки партнери, САД. Овие два договора се гарант за стабилноста, пример за стабилизација и напредок на нашата држава и целиот регион, а еден од најсилните гарантори за договорите е нашиот стратешки сојузник САД“, вели Талевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ првично излегоа со двосмислени позиции во однос на наредбата на администрацијата на САД, која го додаде и непочитувањето на договорот со Грција на листата за можни санкции.
„Стратешки приоритет на ВМРО-ДПМНЕ беше членството во НАТО со заштита на нашиот национален идентитет, а сега и членството во ЕУ. И ние ја почитуваме и ќе ја почитуваме волјата на граѓаните“, изјави Тимчо Муцунски, кој е меѓународен секретар на партијата.
Левица во партиското соопштение вели дека „Охридскиот и Преспанскиот договор се е дел од империјалистичката надворешна политика на САД која оперира со притисок, санкции, закани и воени интервенции – насилничка политика“.