Американскиот пратеник за Балканот, Метју Палмер денес изјави дека постојаната американска визија за Западен Балкан е онаа што регионот ја смета за посветена на европската интеграција и мир со сите соседи.
– Се надевам дека ова не е само визијата што ја имаат САД и ЕУ за овој регион, туку е и визијата што ја има Западен Балкан за себе – рече Палмер на видео конференцијата „Балкан 2021: Поттикнување на регионалната соработка во пост-ковид ерата“ во Солун.
Тој додаде дека Соединетите држави остануваат посветени на целта за воведување на Западен Балкан во ЕУ, како и за постигнување заемно длабоко економско партнерство меѓу земјите од регионот.
Палмер истакна дека, заедно со Мирослав Лајчак, за време на неговата неодамнешна посета на Белград и Приштина, тој сакал „да ја покаже посветеноста на Соединетите држави за олеснување на дијалогот меѓу двете страни во тесна координација со ЕУ“.
Тој се осврна и на конечната пресуда против Ратко Младиќ, за која рече дека има за цел да спречи повторување на злосторствата.
Палмер исто така истакна дека американскиот претседател Џо Бајден потпишал санкции во регионот на Западен Балкан, чија цел е борба против корупцијата и обид за зајакнување на владеењето на правото.
Во своето обраќање на конференцијата, американскиот официјален претставник потсети и на зборовите на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој на Берлинскиот процес рече дека е потребно да се постигне единство во целите на САД и ЕУ со цел нормализирање на односите во дијалогот Белград-Приштина.
Претставникот на САД за Балканот ја поддржа улогата на Грција во регионот на Западен Балкан, особено поради нејзините односи со Северна Македонија и продлабочувањето на односите со Косово.
– Грција има силна поддршка од Соединетите држави и ние сакаме уште посилна соработка низ целиот регион – посочи Палмер.
Тој додаде дека во регионот постои впечаток дека ЕУ го губи интересот за изгледите за членство на Западен Балкан во Унијата и затоа е потребно да се изградат врски на доверба.
– ЕУ итно треба да го врати својот кредибилитет и да ја покаже својата сериозност во однос на Западен Балкан во наредниот период, заклучи Палмер.
Видео-конференцијата „Балкан 2021 година: Поттикнување на регионалната соработка во пост-ковид ерата“ се одржа денес во Солун, а меѓу учесниците, покрај Палмер, беа и државниот секретар во Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Милош Цветановиќ, Потпретседателката на ЕИБ, Лилијана Павлова, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, премиерот на Косово, Албин Курти и заменик-директорот на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева.