Данскиот играч Кристијан Ериксен се огласи на Инстаграм откако се сруши на првиот натпревар на Данска на Европското првенство против Финска.
„Здраво на сите, ви благодарам за вашите неверојатни поздрави и пораки од целиот свет. Тоа значи многу за мене и за моето семејство. Добро сум, земајќи ги предвид околностите. Сè уште треба да поминем неколку прегледи во болницата, но се чувствувам добро. Сега ќе навивам за моите соиграчи од данската репрезентација на следните натпревари. Играјте за цела Данска“, порача Ериксен.
Во саботата, непосредно пред крајот на првото полувреме, Ериксен колабираше додека немаше никој околу него. Играчите и официјалните лица на натпреварот веднаш сфатија дека нешто не е во ред и повикаа медицинска помош.
Тој го напушти теренот свесен и во стабилна состојба по колапсот за време на мечот со Финска во саботата. Тој бил префрлен во локалната болница во Копенхаген.