ИРИ: 79 проценти од граѓаните сакаат Македонија да влезе во ЕУ

од Nikola Popovski
232 прегледи

Најновото национално истражување во Македонија од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува има 79% поддршка од јавноста за пристапувањето на нашата земја во Европската унија.

– Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, неодамна поради ветото на Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните дека може да има напредок во пристапниот процес, вели Пол Мекарти,директор на ИРИ за Европа.

Анкетата исто покажа дека граѓаните на Македонија имаат ниска доверба во нивните локални претставници пред изборите што се очекува да се одржат во октомври. На прашањето дали би го поддржале градоначалникот на нивната општина за повторно да биде избран, половина од испитаниците (53%) рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

– Повеќе од една година подоцна, пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на Македонија, кои исто така се грижат за достапноста на вакцините и за економските последици од ограничувањето на движењето и затворените бизниси. На локално ниво, граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на опозициските кандидати- рече Мекарти.

Податоците биле собрани со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Националниот примерок се состои од 1222 испитаници на возраст од 18 години и повеќе и бил дополнет со 1.285 интервјуа за примероците во одредени општини. Маргината на грешка за националниот примерок е плус или минус 2,8 процентни поени на средниот опсег на нивото на доверба од 95 проценти.