Пендаровски на средба со Борел: Да се направи исчекор за почеток на пристапите преговори со ЕУ

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Република Турција, денеска оствари средба со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, како и за напредокот во клучните области.

Пендаровски го реафирмираше очекувањето Европската Унија да ги валоризира севкупните напори на државата и да биде направен исчекор во однос на почетокот на пристапите преговори за членство, во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион. Во светло на последниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, двајцата соговорници разговараа и за односите меѓу двете земји, осврнувсјќи се на напорите на португалското претседателство со ЕУ и можностите за надминување на отворените прашања во пресрет на претстојниот Совет за општи работи на Унијата.