„Немам намера да се занинавам со ДПМНЕ, туку со граѓаните на Скопје и нивните интереси“, изјави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов во емисијата „Студио 10“.
Тој посочува дека тоа што го прави опозицијата во последните месеци во јавноста ја покажува очајната состојба во која се наоѓаат.
„Повеќе би сакал да дебатираме или дискутираме со нив на градски политики, отколку на оцрнување со измислени тези“, вели Шилегов.
Тој потврди дека сака да се кандидира за втор градоначалнички мандат и ќе ја побара поддршката од СДСМ.
За жардињерите за кои го обвинуваат, Шилегов вели дека опозицијата лошо ги претставува работите и дефинитивно се погрешни.
„Тоа се постапки на јавни набавки и не можете да импровизирате во височината на цената. Ние сме должни да ја утврдиме потребата. Како таква, таа влегува во програмата за јавни набавки. Жардињери и противпожарни скали се знаело дека ќе се набават уште на почетокот на годината“, додава градоначалникот.