Фудбалерите на Холандија денеска ја совладаа С. Македонија со 3:0 во натпревар од третото коло од групата Ц и исто како и Италија ја завршија групната фаза на Европското првенство со максимални девет бода.
Селекторот на „Лалињата“, Франк де Бур изведе комбинирани тим денес, но головите ги постигнаа стандардните членови на стартните 11 – Мемфис Депај во 24-та и Вајналдум во 51. и 58. минута.
Победата на Холандија можеше да биде уште поубедлива, но во неколку наврати добро интервенираше македонскиот голман, Столе Димитријевски, додека во второто полувреме, по ударот на Матајс де Лихт, топката беше исфрлена од гол-линијата од страна на Иван Тричковски.
Од друга страна, С.Македонија успеа да ја затресе мрежата на Холанѓаните, но по интервенцијата на ВАР, голот на Тричковски беше поништен. Потоа, најголема шанса имаше Александар Трајковски, кој ја погоди стативата во 25-тата минута, додека четири минути подоцна тој шутираше над голот. Во второто полувреме, Енис Барди се обиде од слободен удар, но Мартин Стекеленбург добро интервенираше.
Натпреварот во Амстердам ќе биде запаметен по збогувањето со репрезентативниот дрес на легендарниот Горан Пандев. Тој ја напушти играта во 69-та минута по шпалир од неговите соиграчи и големи аплаузи од навивачите на „Јохан Кројф“ арената.