Рускиот претседател Владимир Путин одговара на прашањата на руските граѓани во традиционалната телевизиска програма „Директна линија“. Оваа година, Кремљ доби повеќе од милион прашања преку телефонскиот центар, текстуални и видео пораки или мобилната апликација „Москва-Путин“.
Прашањата на кои одговара Путин се од различни области – од надворешната политика, до економијата и климатските промени, сепак, како што истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оваа година Русите биле најмногу заинтересирани за здравствената политика и вакцинацијата против коронавирусот. Прашањата во надворешната политика паднаа во втор план, со исклучок на затегнатите руско-американски односи.
За вакцината која ја примил
Еден граѓанин се интересираше која вакцина ја примил Путин и дали воопшто ја примил, со оглед на тоа што видеото од неговата вакцинација не е објавено.
– Тоа го решив намерно. Тие ме замолија да не кажувам за да не создадам конкуренција. Мојата одлука беше да ја примам вакцината Спутник V. Направив тест и покажа дека имам високо ниво на антитела – рече Путин.