Пет дена по ред без починати од ковид 19, започна вакцинацијата со „Синовак“

од Берта Китинска
201 прегледи

Дневните бројки покажуваат  дека епидемиолошката состојба во земјава е стабилна.Пет дена по ред нема ниту едно починато лице од ковид 19.Според податоците на министерството за здравство тројца починати по компликации од ковид 19 се забележани 25 јуни.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.684, бројката на оздравени пациенти е 149.977, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 223.

Здравствените власти информираа дека кинески „Синовак“ од вчера се дава во сите вакцинални пунктови, со исклучок на Скопје и Битола каде ќе започне од денеска бидејќи се чека да се дотрошат тие што биле дистрибуирани изминатите денови.

Синовак ги поминала законските процедури во Агенцијата за лекови, на кои се чекаше, откако во неделата пристигнаа половина милион вакцини. Нема ограничување на возраста- ќе се дава на сите над 18 години, здравствените власти велат-се препорачува и за доилки и трудници.

„Станува збор за класична вакцина со инјектиран ослабен вирус-технологија која се користи со децении и разбирливо е што широката популација ја доживува како една од најбезбедните платформи за производство на вакцини.“ – потенцираат од ресорното министерство.

Во моментот се врши вакцинација и ревакцинација со Фајзер и Астра Зенека, а со Синофарм само ревакцинација. Граѓаните може да ја минуваат границата со сертификати со кју-ар код за прележан ковид, примена вакцина или негативен ПСР тест. Се чека ЕУ да се усогласи за најавените Ковид пасоши.

„Европската Унија се уште не ги усогласила процедурите за ЕУ ковид сертификат. Ние како земја чекаме насоки од Европската комисија и СЗО од каде најавија дека набрзо ќе излезат со препораки за изработка на ЕУ ковид сертификат, одговорија од Министерството за здравство.“ – велат од Министерство за здравство.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 321.815 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.220 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.994 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 542.699 дози вакцини, а ревакцинирани се 220.884 граѓани.

Со последните бројки, 52% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Слични содржини