„Се што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси, тој до толку е изгубен во своите блокади што еден ден зборува едно друг ден друго. Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции“, се јавија од СДСМ со реакција на денешната прес-конференција на лидрот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, политичар како Мицкоски кој ги кочи интегративните процеси на државата не може да понуди никаква европска агенда.
„Затоа е таму каде што е, сам и изолиран во опозиција, каде и долго ќе остане, затоа што граѓаните јасно кажаа дека се против деструктивни политичари кои сакаат државата да ја вратат назад во изолација“, велат од партијата.
Мицкоски денес изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до македонското собрание Резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со нашиот источен сосед.
-Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес. На овој начин оставаме поширок простор за прифаќање на оваа Резолуција и од останатите политички партии во македонското Собрание. Очекуваме широка општествена поддршка во дефинирањето на она што е национален и државен интерес, рече Мицкоски.