Премиерот Зоран Заев денес учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан. Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.
Покрај премиерот Заев на Самитот говореа и премиерите од земјите членки на Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија како и францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.
„Берлинскиот процес навистина успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока. Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и Европската Унија. Сега тоа е завршена работа. Ние сме регион без роаминг и им доставивме опипливи резултати кои произлегуваат од заедничкиот регионален пазар на нашите граѓани“, истакна Заев.
Заедничкиот регионален пазар, вели тој, е успешен пример за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на земјите од Западен Балкан на внатрешниот пазар на ЕУ.
„Со спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар како двигател на економскиот раст за Западен Балкан, создаваме подобри работни места, поголем избор по пониски цени. Патувањето, студирањето, работењето и водењето на бизнис во регионот е полесно без бариери. Со нашата цел кон интегриран пазар, воведуваме дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи заедно сме посилни, што го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ“, посочи премиерот.