Италијанските фудбалери се нови европски шампиони, а до титулата стигнаа со подобар учинок од пенали (3-2), откако резултатот беше 1-1 во основните 90 минути и продолженија.
Англија поведе на Вембли по само една минута и 56 секунди игра, а стрелец беше левиот бек Лук Шо кој погоди со полуволеј на центаршут од Киeран Трипие.
Тоа е најбрзиот гол во финалето на Европските првенства и четврти најбрз во историјата на ЕУРО, пренесe Хина.
Тоа беше единствениот удар на Англичаните во првото полувреме, додека Италијанците имаа шест удари, но тие никогаш сериозно не му се заканија на англискиот голман Џордан Пикфод.
Желбата на Италијанците да постигнат израмнувачки погодок се реализираше во 67. минута, кога Пикфорд го одбрани ударот со глава на Верати, но стоперот Леонардо Бонучи прв стигна до топката и ја испрати во мрежата од непосредна близина.
Бидејќи немаше повеќе голови, мечот отиде во продолженија. По седми пат во историјата на Европските шампионати, победникот не беше решен во основните 90 минути.
Мрежите останаа во мирување и во дополнителните 30 минути, а по втор пат во историјата одлуката за европскиот шампион беше донесена со изведување на пенали.
Првиот сет го отвори Берарди кој го совлада Пикфорд, а Донарума не успеа да го запре ударот на Кејн. Во втората серија Пикфорд го одбрани ударот на Белоти, а Мегваер им донесе предност на Англичаните. Бонучи израмни на 2-2, а Рашфорд ја погоди стативата. Бернардески повторно им донесе предност на Италијанците, а Донарума го одбрани ударот на Санчо. Жоргињо можеше да и донесе титула на Италија, но Пикфорд го одбрани неговиот удар. Но, Донарума го одбрани и ударот на Сака и го донесе трофејот во Италија.
Ова е втора европска титула за Италијанците, откако ја освоија првата во 1968 година во Рим, каде што во финалето ја победија репрезентацијата на Југославија (2-0) во вториот, повторен финален натпревар, откако првиот заврши 1-1. Подоцна претрпеа два порази во финалето: во 2000 година беа поразени од Французите со златен гол (2-1), а во 2012 година Шпанците беа подобри од нив (0-4).
Англичаните не успеаја да го повторат триумфот на домашен терен, каде ја освоија светската титула во 1966 година, совладувајќи ја Германија (4-2) по продолженија во финалето. Ова беше нивно прво финале на Европските шампионати и прво на големи натпреварувања по Светското првенство во 1966 година.