Скептичен сум дека ќе биде успешна акција за вакцинација на децата од 12-16 години, вели во изјава за „Локално“ доктор Арбен Аголи, педијатар од Дебар, откако министерот за здравство Венко Филипче кажа дека имунизацијата на децата против ковид 19 нема да биде задолжителна, но ќе биде неопходна за создвање на колективен имунитет.
-Убеден сум дека ќе се вакцинираат само децата на родителите кои се вакцинирани, а останатите нема да се вакцинираат бидејќи нивните родители имаат негативен став околу вакцинацијата. Како доктор сум за да се вакцинираат прво децата со хронични заболувања па останатите, смета Аголи.
Докторот напоменува дека има еден технички проблем при вакцинирањето со Фајзер бидејќи таа не може да се спроведува во секој пункт за вакцинација поради условите термички во кои таа треба да се чува, објаснувајќи дека таков проблем има и Дебар.
Министерот за здравство во изјава за медиумите вчера напомена дека до крајот на неделата ќе се види каков ќе биде интересот за вакцинација на според закажаните термини.
– Тогаш ќе го имаме пресекот на вкупниот број на пријавени. Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. И мислам дека и тоа е еден сериозен сегмент, голема бројка на млади луѓе кои се трансмитер на вирусот и кои се посебен ризик категорија за есенските месеци. Така што, опцијата е отворена.
„Фајзер“ вакцината е препорачана и во упатството од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, така што мислам дека е уште еден добар момент, рече Филипче.
Досега се имаат пријавено околу 1500 деца во електронскиот систем за вакцинација против КОВИД 19.Според најавите,вакцинацијата треба да започне в петок.
Б. М.