Еден од најдобрите фудбалери на штотуку завршеното Европско првенство, шампионот на континентот, Џорџо Киелини, официјално е слободен агент од 1 јули.
Неговиот договор со Јувентус истече, и засега нема нов на маса, објаснува неговиот агент Давиде Липи. Нема причина за паника, тврди менаџерот, но не крие дека очекувал „црно-белите“ да направат потег.
Беше договорено Киелини да го игра Европското првенство во мир, а потоа да започнат разговори за нов договор, но шампионатот е завршен, а Јувентус не реагира.
„Потребни се сите страни за потпишување на договорот. Џорџо беше на Европско првенство и беше целосно фокусиран на натпреварувањето. Нема проблем со Јувентус, се согласивме да разговараме по Европското првенство, но сè уште не сме започнале“, рече Липи за италијанските медиуми.
На прашањето што ќе се случи ако друг голем клуб му испрати понуда на Киелини, агентот рече: „Прво ќе треба да видиме каква е понудата, но досега не сме добиле. Чекаме Јувентус прво да ни каже кога ќе седнеме и ќе разговараме“.
Иако има 37 години, пензијата не е опција за Келини. На крајот на краиштата, тој на ЕП покажа дека сè уште може да игра на врвно ниво.
„Сосема лудо е да се замисли Киелини сега надвор од теренот. Што направи, како се врати по искинатите лигаменти на коленото е неверојатно. Страста е гориво што го придвижува, а на ЕП видовме дека сè уште има страст во него. Тој е симбол на Јувентус во последните години и чекаме што ќе ни каже клубот. Досега никој не не повикал на разговор“, подвлече Липи.