Заев: Чистењето на линданот од ОХИС ќе го врши грчката компанија „Полиеко“

од Nikola Popovski
290 прегледи

Премиерот Зоран Заев информира дека започна процесот на чистење на линданот и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС, што подразбира расчистување на теренот, обезбедување и поставување на потребната опрема и механизација околу малата депонија.

-Избраниот изведувач е грчката компанија Полиеко, а за чистењето на малата депонија Министерството за животна средина и просторно планирање воспостави соработка со две агенции на Обединетите нации – УНИДО и УНОПС. Проценетата вредност на комплетното чистење и уништување на линданот од малата депонија во ОХИС изнесува приближно 8 милиони евра. Првичните средства се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а во соработка со УНИДО, додека за обезбедување на потребните дополнителни средства се формираше Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина, во кој се собраа средства од повеќе извори, меѓу кои и од Кралството Норвешка, а имплементациона единица е УНОПС, објави Заев на Фејсбук.

Чистењето на линданот од ОХИС ќе го врши меѓународната компанија „Полиеко“, од каде што најавија дека активностите на терен ќе се изведуваат во согласност со највисоките стандарди за заштита на околината и животната средина и со употреба на најмодерни технологии.

– Планот, како што беше најавено, е линданот да се извезе во Франција, а во Холандија да биде извезена контаминираната почва. На почетокот од следната година треба да се отстранат првите количини од околу 700 тони контаминирана почва – рече пред два дена, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Операција треба да трае 12 месеци.

Слични содржини