Лидерот на партијата „Има таков народ“, Слави Трифонов, изјави дека ја повлекува кандидатурата на економистот Николај Васиjeев за функцијата премиер, а одлуката е поврзана со критиките со кои се соочи неговиот кандидат по објавувањето на неговата верзија за состав на Владата.
Според Трифонов, тој одлучил да се откаже од кандидатурата на Василев за да не продолжи со моделот на управување на Бојко Борисов, модел кој стана главен непријател на демократијата.
„Одлучив да се откажам од кандидатурата на таков достоен човек како Николај Василев бидејќи за мене никој не може да биде поважен од проблемите со кои се соочува нашето општество. Како партија што победи на изборите, наскоро ќе предложиме нов премиер со ревидиран состав на владата“, рече Трифонов.
Да потсетиме, ден по изборите, уште пред објавувањето на конечните резултати, Трифонов го објави својот состав на владата. Тој предложи таа да биде предводена од Николај Василев, поранешниот премиер кој беше на чело на три министерства пред Бојко Борисов да дојде на власт. Трифонов предложи, како што рече, министерските места да бидат окупирани од вистински експерти со одлично образование. Голем број експерти и политичари не беа задоволни од кандидатот за премиер и повеќепати остро го критикуваа.
Да потсетиме, на 11 јули во Бугарија се одржаа повторените парламентарни избори, на кои победи новата партија „Има таков народ“ од музичарот и водител Слави Трифонов. На второ место беше поранешната владејачка партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, а на трето беше Бугарската социјалистичка партија (БСП).