Груба манипулација е информацијата на одредени портали лиферувана од опозициската партија дека во текот на вчерашниот ден наместо на седница на Совет сум бил по кафеани, реагираше преку својот Фејсбук профил градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, откако советничката Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ вчерана на седница на Советот на општината Ѓорче Петров посочи дека Наумоски две години нема дојдено на седница, а четири години нема одговорено на ниту едно прашање од интерес на граѓаните.
„Како член на Националниот совет за евроинтеграции, истовремено со седницата на Совет, во Собранието присуствував на седница на која беа презентирани програмата и приоритетите за работата на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. За седницата во Законодавниот дом објавив и на социјалните мрежи. Присутна на седницата на Совет беше дел од администрацијата која е подготвена соодветно да одговори на сите советнички прашања. Крајно време е советниците да прекинат да се служат со невистини и погрешно да информираат. Наместо тоа, силите нека ги насочат кон реалните проблеми на граѓаните на Ѓорче Петров и нивно решавање“, напиша Наумоски.