ДКСК ќе го прати до Уставен мислењето за Законот за автопатишта

од Берта Китинска
204 прегледи

Собранието по скратена постапка го изгласа Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба автопати, а претседателот Стево Пендаровски вчера го потпиша Указот за негово прогласување.

Во меѓувреме, Државната антикорупциска комисија која смета дека законот претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси,  побара шефот на државата да не го потпишува Указот, а откако се случи тоа, најави дека мислењето што го изготвиле ќе го достават до Уставниот суд.

-Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе го даде на Уставен суд своето мислење по однос на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба автопати, откако денеска претседателот на државата Стево Пендаровски го потпиша указот, изјави за МИА претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Од Кабинетот на претседателот наведуваат дека Законот е донесен со потребното мнозинство дека ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против.

-Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти, соопштија од Кабинетот.