Премиерот Зоран Заев попладнево објави дека имал одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети.
-Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори. Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба, информира Заев.
Според него, меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг.
-Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори, стои во објавата.
Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии. Предлогот, изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради поклопување на термините за кампањата со терминот за одржување на пописот на населението.
Тој денес изјави дека одлуката за тоа како ќе се настапи на локалните избори во сите општини, па и во Тетово, и дали СДСМ ќе даде некому поддршка, ќе зависи од личностите кои ќе бидат кандидирани.
-Прво да ги видиме кандидатите номинирани од сите партии, затоа што реков да побарам поддршка од помалите партии, дали е тоа ДУИ, БЕСА, ДПА или незнам партиите на Србите, партиите на Турците, на Бошњаците, Власите, на Ромите, треба да понудите и квалитетно решение од она што го имате на располагање. Затоа што, повикувајќи ги нашите членови, а после тоа и поддржувачи, мора да имате аргументации за самите кандидати. Тоа се однесува за цела наша земја. Не е само Тетово. Тетово е актуелно заради тоа што веројатно ќе има најмногу кандидати. Јас верувам токму низ ликовите на кандидатите ќе ги изнајдеме и решенијата, рече Заев, одговарајќи на новинаско прашање по промоцијата на комплексот Планет.