Минчев: Бугарија нема интерес за признавање на „бугарското малцинство“ во Македонија

од Nikola Popovski
307 прегледи

Бугарија не е заинтересирана да бара признавање на „бугарското малцинство“ во РС Македонија, вели бугарскиот политиколог Огњан Минчев во објава на Фејсбук.

„Врз основа на бугарскиот устав, билатералната бугарско-македонска декларација од 1999 година го афирмираше принципот на обврска на страните да ги почитуваат индивидуалните права на нивните граѓани да се самоидентификуваат и слободно да го изразат својот идентитет во доброволни здруженија од областа на граѓанското општество. Бугарската држава препознава еднакви граѓани, а не малцинства и мнозинства“, потсетува Минчев.

„Крајно време е во бугарските институции – особено во Министерството за надворешни работи да започнат да управуваат со компетентни луѓе и да престанат да носат одлуки на парче! Големата неволја што ја направија разни „патриоти“ не може да се поправи со нова серија идиотски одлуки, извадени од контекст, туку со национален интерес и перспективна стратегија за нивно поддржување“, нагласува политикологот.

Потсетуваме, во петокот вршителот на должноста министер за надворешни работи Светлан Стоев на брифинг изјави дека тамошното Министерство за надворешни работи бара можности Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Македонија на рамноправно ниво со другите наведени нации во земјата.

Слични содржини