Демократскиот сојуз смета дека со предлог измените на Изборниот законик доставени до Собранието по скратена постапка, се спречува рамноправен политички натпревар и се гуши плурализамот и разновидноста на идеи.
-Иако како главна причина за промени на изборните правила се наведуваат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, со самиот факт дека измените на Изборниот законик се носат два месеца пред одржувањето на локалните избори, флагрантно се кршат токму препораките на ОБСЕ и ОДИХР за забрана за измени на изборните правила шест месеци пред избори, велат од партијата.
Демократскиот сојуз потсетува дека промената на изборните правила во демократските земји вообичаено е процес кој вклучува широка јавна расправа, со учество на експерти, невладини организации и најширок можен консензус на политичките партии.
Демократскиот сојуз смета дека предложениот цензус од 3 отсто гласови од запишаните избирачи кои треба да ги освои еден кандидат за да може да биде избран независно од местото на кандидатската листа, е срамна опструкција на идејата за отворени листи.
-Доколку се усвои овој предлог, тоа директно ќе го спречи изборот на подобрите и поквалитетни кандидати за советници, што всушност е и смислата на концептот за отворени листи. Ваквиот предлог исто така е насочен да ја зацврсти партиската диктатура кај доминантните политички партии и да ги елиминира кандидатите од помалите политички партии кои настапуваат во коалиција со поголемите, стои во партиското соопштение.
Од таму додаваат дека е скандалозен е предлогот за определување цензус од 2 отсто собрани потписи од запишаните избирачи како услов за пријавување на независни кандидатски листи, што има за цел да ги елиминира граѓанските листи и да обезбеди чист терен за големите политички партии од власта и опозицијата.
Демократскиот сојуз исто така оценува дека предлогот за поделба на медиумското време во изборната кампања – од вкупно 9 минути платена политичка програма на 1 час емитувана програма на ТВ и радио – предлог измените предвидуваат 4 минути за парламентарните партии од власта, 4 минути за оние од опозицијата и само 1 минута вкупно за сите други помали парламентарни и вонпарламентарни партии, е натамошен жесток удар врз можноста за рамноправно политичко претставување пред граѓаните што, пак, е услов за одржување фер и демократски избори.
-Ова особено што станува збор за платено политичко рекламирање од буџетот на граѓаните од кој 90 отсто од парите треба да одат за големите партии од власта и опозицијата, а само 10 отсто за сите други. Со предлог измените се ограничува и можноста помалите политички партии да трошат и сопствени пари за политичко рекламирање на социјалните мрежи. Од вкупно 8000 евра колку што предвидува законот за дневно трошење пари на сите партии за рекламни објави на социјалните мрежи, четирите големи партии заедно може да потрошат 7200 евра, а сите други помали партии 800 евра вкупно! Предлог измените забрануваат секакво друго рекламирање надвор од пријавените фан страни на социјалните мрежи, што повторно им оди во прилог само на партиите од т.н. голема четворка. Поради сето ова, Демократскиот сојуз ги повикува најголемите партии од власта и опозицијата односно пратениците предлагачи веднаш да ги повлечат предлог измените на Изборниот законик од парламентарна процедура, локалните избори да се организираат со стариот закон, а по изборите да се отвори јавна расправа и да се усвојат измени на изборните правила со најширок партиски и граѓански консензус. Инаку многу е дискутабилна улогатата на министерот за правда кој се шета низ Парламентот во улога на “РЕВИЗОР”,инаку подготвувач и неформален предлагач на законот, соопштија од партијата.